Обвинителот од Париз побара петгодишна затворска казна и петгодишна забрана од јавна функција за лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, во судскиот процес во кој таа и уште 24 лица се обвинети за проневера на средства на ЕУ, јавуваат агенциите.
Судењето, кое доаѓа речиси една деценија по почетокот на првичните истраги, ги загрозува напорите на нејзината партија Национален собир да го подобри својот имиџ пред претседателските избори во 2027 година.
Парискиот обвинител вчера побара парична казна од 300.000 евра, пет години затвор и забрана за вршење јавна функција за Ле Пен.
Забраната за кандидирање за јавни функции ќе стапи во сила веднаш. Доколку судот ја прогласи за виновна за обвиненијата, Ле Пен нема да може да се кандидира на изборите дури и ако поднесе жалба на пресудата.
Судењето продолжува до 27 ноември, а потоа судиите ќе се повлечат за да ја разгледаат својата пресуда и да размислат каква казна да изречат, имајќи ги предвид барањата на обвинителството. Пресудата најверојатно ќе биде објавена на почетокот на 2025 година.