Обвинителството бара притвор за Богоев – Мицкоски вели дека истрагата ќе се прошири, Филипче ја нарекува дефокусирање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бара притвор за Стефан Богоев и уште тројца осомничени за злоупотреби во постапка за јавна набавка за одржување на хигиената на граничните премини и царинските терминали. Според Обвинителството, со фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата било овозможено противправно стекнување имотна корист од околу 18,5 милиони денари. Истрагата опфаќа и сомнежи за примање и давање награда за противзаконско влијание од страна на поранешен заменик-директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект.

„Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.“, вели ОЈО.

Не изостанаа ниту политичките реакции. Премиерот, Христијан Мицкоски изјави дека располага со информации оти истрагата ќе се прошири и дека ќе следуваат акции и во други институции.

Од опозицијата велат дека оваа акција претставува дефокусирање на политичката состојба во земјата. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче изјави дека власта се обидува со вакви случаи да ги покрие сопствените неуспеси по посетата на Антонио Кошта во Скопје.

Во рамки на истрагата, според Обвинителството, биле обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконско влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на службената положба и своето реално влијание. За непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител ќе достави предлог до судијата на претходна постапка во Основен кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомничените.