Обвинителството чека на судот за мерки против недостапниот осомничен во предметот Адитив

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во врска со денешната изјава на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во однос на можноста за определување мерки за обезбедување против едно осомничено лице во предметот “Адитив”, обвинителството појаснува дека МВР вчера (26.12.2024 година) до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување за постапување по сите 77 наредби за претрес издадени од Основниот кривичен суд – Скопје во кое, во точката што се однесува на наведениот осомничен е наведено дека тој во моментот на претресот не бил пронајден на домашната адреса и не бил забележан подолг период од страна на соседите.

Законот за кривична постапка е јасен и дециден во вакви случаи – МВР треба најпрво да го извести судот кој ќе побара од полицијата да ја утврди достапноста на лицето. Доколку притоа се утврди дека лицето е недостапно, судот известувањето на МВР ќе го достави на запознавање во случајов до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ќе побара обвинителството да се произнесе во однос на предлогот за определување на мерките на обезбедување.

До денес, Основниот кривичен суд – Скопје нема доставено ваков документ до обвинителството и предметните обвинители не можат прескокнувајќи постапки и институции да носат предлози или одлуки надвор од нивните законски овластувања. Во моментот кога ОЈОГОКК ќе добие известување дека осомничениот е недостапен на органите на прогонот, надлежните јавни обвинители ќе постапат согласно законските надлежности во поглед на мерките за обезбедување.