Тело на уште една жена од кумановскиот регион ќе биде ексхумирана по отворањето на истрагата за серија убиства во селата Старо Нагоричане и Челопек, за кои е осомничен 25-годишниот Трајко Бојковски, овчар од селото Малотино, кој моментално се наоѓа во притвор во Куманово.
Обвинителството соопшти дека по денешната ексхумација телото ќе биде предадено на Институтот за судска медицина за обдукција. Според досегашните сознанија и исказот на една преживеана, постои сомнеж дека во рок од една година имало четири жртви од ист сторител, поради сличностите во изборот на жртвите – жени кои живееле сами – и начинот на извршување.
„Јавното обвинителство и понатаму презема мерки и активности за издавање наредби и прибирање докази со кои се утврдуваат сите околности поврзани со предметот. Исто така ја информираме јавноста дека во наредните денови се планира уште една ексхумација за друго починато лице за кое се сомневаме дека е жртва на кривичното дело.“, рече јавниот обвинител во Куманово, Љубомир Лапе.
Обвинителката од Куманово, Теута Рамадани, посочи дека истрагата започнала по пријавата на преживеаната 83-годишна Слободанка Арсовска од Челопек, која благодарение на својата присебност успеала да се спаси од напаѓачот пред шест месеци, кажувајќи му дека нејзиниот син се наоѓа на горниот кат. Таа додаде дека истрагата може да се прошири и за евентуално непостапување на полицијата по претходни пријави за насилство.
„Обвинителството сè уште не го испрашало осомничениот, бидејќи се очекува психијатриско вештачење од надлежни лекари. Во моментов не можеме да ги утврдиме мотивите за сериските убиства. Нема докази за силување на жртвите, но во некои случаи имало и кражби во нивните домови“, вели Рамадани.
Истражителите наложиле во одреден временски период да се проверат сите случаи на починати постари жени во тој регион за кои имало пријави во полиција, со цел да се утврди евентуална поврзаност со осомничениот.
Жителите на Челопек и Драгоманце се вознемирени поради сомнежите дека 25-годишниот овчар можеби имал соучесник, но од обвинителството велат дека во оваа фаза од истрагата нема други осомничени.
„Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка со која фактички се проширува истрагата и за уште едно кривично дело ‘Убиство’ според член 123 став 3 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна доживотен затвор“, изјави Лапе.
Трајко Бојковски се сомничи дека брутално ја убил 78-годишната М.С. во периодот од 27 јануари до 12 февруари, засега точно неутврден датум, во Челопек, општина Старо Нагоричане. Сè уште не е познат точниот број на жртви ниту временскиот период на извршување на делата, но кај досега испитаните жртви се детектирани траги од ДНК на осомничениот како сериски убиец. Надлежните апелираат до жителите дека нема место за паника и дека подрачјето е под засилено полициско обезбедување.
