Обвинителството побара притвор за Ива Михаилова: „Веднаш реагиравме, судот во Кочани можеше и по службена должност“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство Кочани побарало определување мерка притвор за Ива Михаилова, откако утринава било известено дека таа не е пронајдена на домашната адреса и не ја исполнила обврската редовно да се јавува во полиција.

Од Обвинителството веднаш реагирале и доставиле предлог до Основниот суд Кочани за определување построга мерка со цел да се обезбеди присуството на обвинетата во судската постапка.

Од Обвинителството посочуваат дека судот има можност да постапува и по службена должност, без да чека предлог од јавен обвинител.

Претходно утринава, Основниот суд Кочани добил известување од Министерството за внатрешни работи за случајот, по што информацијата била проследена до надлежното обвинителство. По доставувањето на предлогот за притвор, следниот чекор е судот да одлучи дали ќе ја прифати предложената мерка. Доколку биде донесена таква одлука, може да следува и наредба за распишување потерница.

Михаилова претходно се појави во бугарските медиуми, каде што соопшти дека се наоѓа во Бугарија, иако против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици и ѝ се определени мерки за обезбедување присуство.

Според претходните информации од Обвинителството, во октомври 2025 година ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош, а ѝ биле определени и забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска за редовно јавување кај службено лице.

Од МВР претходно информираа дека во системот за гранична контрола нема евидентиран излез на Михаилова од Македонија, ниту легален влез во Бугарија, според информациите добиени од бугарската гранична полиција.

Засега нема потврда дека Основниот суд Кочани донел решение за определување притвор или издал наредба за распишување потерница. Конечната одлука за предложената мерка е во надлежност на судот.