Обвинителството влезе во ДИК – ќе се истражува дали има кривично дело во набавката на софтверот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, утрово влезе во просториите на Државната изборна комисија и ја одзема тендерската документација околу компјутерската фирма која ја изработила апликацијата за следење на резултатите на изборите.  

Од Обвинителството велат дека постапката е отворена по допрен глас, бидејќи по написите во медиумите, дознале дека тендерот еднаш бил поништен за потоа преку постапка со преговарање без објавување оглас, надградбата на софтверот да ја добие компанијата „Дуна“, со која договорот бил склучен во четири очи

„Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска влезе во просториите на Државната изборна комисија со цел да ја одземе целосната документацијата околу јавната набавка на новиот софтвер и да ја утврди законитоста на постапката“, велат од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Првиот човек на ДИК, Оливер Дерковски, во емисија на телевизија „Телма“, веднаш по изборите рече дека постапката за јавната набавка е законска и дека се запазени сите прописи.

Од Секторот за компјутерски криминал при МВР, констатираа дека напаѓачите на сајтот на ДИК извршиле „Ddos“ напад еден од најмоќните софтверски напади. Тој бил извршен од стотици претходно нападнати компјутери кои хакерите ги имаат под контрола. Овој напад не даде можност да се објават изборните резултати.