Очекувано, Регулаторната комисија за енергетика ги намали цените на горивата за 1,5 денар за литар. Од полноќ, Еуросупер БС – 95 ќе чини 80,50 денари за литар, додека 98 – цата ќе биде 82,50 денари. Исто така се намали и цената на дизел горивото и тоа од полноќ ќе чини 94.00 денари за литар.
Ова се цените без попустот на ОКТА од три денари за дизелот и два за бензинот, со што горивата ќе бидат поевтини за овој износ.

Но, додека Регулаторната комисија го потврди она што Владата го најави во текот на викендот, светските берзи повторно не мируваат. Цената на барел нафта се зголеми и до затворањето на овој прилог растот беше за околу пет долари во споредба со петокот и изнесуваше 95 долари за барел Брент сурова нафта.
Инаку, лоши вести доаѓаат од нашиот јужен сосед, каде што неименуван, високо позициониран извор од рафинерискиот сектор за грчкиот весник Катимерини изјави дека рафинериите во Грција, кои се четири на број, имаат залихи со сурова нафта за наредните два месеца.
„Целосно сме обезбедени два месеци. Доколку пловидбата во Ормускиот теснец не се обнови, ситуацијата ќе стане потешка подоцна“, вели неименуван, високо позициониран извор од рафинерискиот сектор за грчкиот весник Катимерини.
Состојбата со производството на гориво во Грција е многу значајна за Македонија. Македонските дистрибутери 70 до 80 отсто од горивата ги набавуваат од Рафинеријата ОКТА, која е во сопственост на грчката компанија Хеленик Петролеум.
Инаку, во текот на викендот и изминатите неколку недели, премиерот Христијан Мицкоски изјавуваше дека Македонија нема никакви пречки околу снабдувањето со нафтени деривати и дека во случај на потреба на располагање се државните резерви, кои покриваат околу 62 дена од потребите на државата, како и количините што се наоѓаат во продуктоводот Солун – Скопје, кои задоволуваат потреби од една до две недели.
Дополнително, македонските компании според законот имаат обврска да имаат оперативни резерви за пет дена, а според информациите, компаниите располагаат и со комерцијални резерви кои покриваат потреби од една до две недели.
Сепак, дополнителен проблем е што во овој момент во Европа е состојбата со керозинот во Европската Унија, а што може да влијае и врз македонската економија и стопанство.
Според еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен, Европа се движи од криза на високи цени кон потенцијална криза на снабдување, што најпрво може да се почувствува кај авионското гориво.
„Се движиме од криза на високи цени кон криза на снабдување. Тоа најпрво ќе се почувствува кај авионското гориво и се приближуваме до тоа многу брзо“, изјави Дан Јоргенсен, Еврокомесар за енергетика.
Дека состојбата е сериозна потврдува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ќе го свика Советот за национална безбедност за да се разгледа енергетската состојба во земјата.
„Наскоро ќе го свикаме Советот за национална безбедност за да го разгледаме прашањето за безбедноста на снабдувањето“, изјави канцеларот на Германија, Фридрих Мерц.
Енергетската состојба во Европската Унија и во Германија е исклучително значајна за Македонија, бидејќи секое нарушување на нивната економија може да значи ризик и за нас. Податоците покажуваат дека околу 60 отсто од трговската размена на Македонија е со Европската Унија, додека околу 40 отсто од македонскиот извоз завршува на германскиот пазар.
