Лекот за пациентите со астма и хронична опструктивна белодробна болест, беклометазон, формотерол, или со бренд името „Фостер“, од август ќе биде достапен без дополнително плаќање, само со партиципација од 280 денари. За ова информираше директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој соопшти дека за првпат ривароксабанот се воведува на позитивната листа на лекови, додека партиципацијата за пациентите ќе се намали од околу 475 на 160 денари.
„Фостер“ ќе биде достапен без дополнително плаќање за граѓаните, само со партиципација. Оваа партиципација сега ќе биде пониска за 20 денари, ќе изнесува 280 денари, бидејќи референтната цена на овој лек е пониска. Оваа цена ќе стапи во сила откако ќе се потрошат количините што веќе се доставени во аптеките. Очекуваме од 1 август „Фостер“ да биде достапен без доплата. „Блоцета“ веќе е достапна во аптеките без дополнително плаќање“, изјави Клековски.
Тој објасни дека граѓаните поднеле жалби против пет аптеки во Битола, две аптеки во Скопје и еден матичен лекар кој не сакал да го прифати извештајот од специјалист, за што се преземаат мерки. Клековски рече дека жалбите се однесувале на непокажување на лек со рецепт иако имало извештај од специјалист, а во сите други случаи бил издаден рецепт и аптеките им кажале дека лекот го имаат само приватно.
„Едно е да се чува лек на залиха во секоја аптека за 50 денари, а друго е да се чува лек за 2.500 денари. Од лично искуство знам дека мојата аптека во Карпош 4 нема „Фостер“, но треба да одам во друга аптека на „Партизанска“ која е 24/7, каде што има таков лек. Нормално е помалите аптеки да немаат скапи лекови, бидејќи тоа е финансиски товар за нив, но треба да знаат која аптека го има лекот со рецепт.“, рече Клековски.
Инаку, опозициската СДСМ вчера ја обвини Владата дека ги лаже и ги доведува во заблуда пациентите кои страдаат од астма и хронична опструктивна белодробна болест, бидејќи, според нив, прво Фондот ја зголемил цената на лекот „Фостер“, а потоа генеричкиот лек како замена, кој е бесплатен со рецепт, не бил достапен во аптеките.
