Самитот за Западен Балкан во Словенија не само што не донесе ништо ново за почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија, туку постави и нови услови. Бугарија бара да се потпише нов Протокол во кој се поставени 5+1 точки во кој едно од барањата се и внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, но и како што истакна Радев за историската вистина, што ќе значи откажување на македонската историја. Премиерот Заев вели дека историјата нема да се менува.
„Апсолутно никој ниту бара ниту треба ниту тоа се дискутира за промена на историјата или слично. Историјата е факт кој што е непобитен. Петте точки плус една, една се смета на нивното очекување во периодот пред нас, односно на очекувањето на Република Бугарија во периодот пред нас да и Бугарите како етничка заедница бидат номинирани во нашиот устав односно споменати во нашиот устав“, посочи Зоран Заев.
За ова говореше и министерот Османи вели дека тие се познати прашања како што се краткото име на државата, работата на Историската комисија како и говорот на омраза. Исто така се бара и немешање во внатрешните работи на Бугарија што подразбира да не се бара признавање на постоење на македонско национално малцинство, но од друга страна се бара и вклучување на Бугарите во македонскиот устав. Сепак исполнување на барањата ќе зависи од тоа дали Бугарија ќе не одблокира и се донесе одлука за старт на преговорите.
„Јас сметам дека барањето за вклучувањето на бугарската заедница во Уставот не е спротивно на нашите интереси. Затоа што сметам дека Бугарија се поместува од првичната нерационална позиција за еден народ во две држави. Не би имало договор доколку нема одлука за зелено светло“, посочи Бујар Османи.
Но дали е можно Македонија да бара реципроцитет, односно признавање на македонското национално малцинство во Бугарија, Османи вели дека Уставот во Бугарија е различно поставен.
„Република Бугарија согласно нејзиниот Устав не препознава, за разлика од нас, организирање на граѓаните врз основа на етничката припадност. Значи ниту има турска заедница, ниту има било каква друга заедница затоа што уставното уредување е такво да тие не признаваат организирање на етничка основа за разлика од Уставот на Република Македонија кој што познава и признава организирање по етничка основа и затоа тој реципроцитет не е можен“, додава Бујар Османи.
По вчерашните затворени средби на Заев со Радев, Макрон и Меркел , нема многу информации што точно е договорено. По оваа средба Меркел изјави дека нема да има брзо решение меѓу отворените прашања на Бугарија и Македонија. Заев сепак вели дека напори од меѓународната заедница има.
„Никогаш не сум ги видел вака настојчиви штитејќи ја и борејќи се за Европската унија пред се. Затоа што Европската унија мора да испорача. Декларацијата вчера што е усвоена е благодарност. Навистина е прецизна, зборува за проширувањето со сите детали. Но оваа прецизна декларација која што вчера ја усвои Европскиот совет на Самитот за Западен Балкан само на лист хартија не ни значи нам ништо како Северна Македонија ниту на Албанија, ниту верувам на земјите од Западен Балкан“, порача Зоран Заев.
По вчерашната средба на Самитот во Брдо кај Крањ, Заев во изјава за медиумите рече дека бугарските барања кои ги изнесе претседателот на Бугарија Румен Радев се неприфатливи и навредливи за македонските граѓани.
