Напладне во Благоевград беше отворен македонскиот културен центар кој го носи името на Никола Вапцаров. За таа прилика пристигна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Се сретна и со внукот на Вапцаров кој пак рече дека никој не го поканил на оваа свеченост.
„Јас сум внук на Никола Вапцаров“.
-Добро.
„Тој е брат на татко ми“.
-Одлично.
„Тука сакам да ви ја подарам оваа книга, која ја напишавме за Никола Вапцаров и тука има се. Особено последната страница е напишана со ракопис на Никола Вапцаров, тука пишува кој бил, што бил“.
„Да ви дадам јас една книга од нашата македонска историја што ја напишал Никола Јонков Вапцаров за Македонија и неговиот македонски идентитет. Следниот пат ви ветувам дека ќе ви дадам книга. Вие читајте ја и учете ја вашата историја, а ние ќе ја читаме и учиме нашата истрија. Исто и јас ќе ви дадам ракопис од Никола Јонков Вапцаров, ќе ви дадам и слика и ракопис и како пишува заедно со Коста Солев Рацин и со Венко Маркоски и со останатите“.
Претседателот на клубот изјави дека клубот ќе биде место за сите Македонци од Пиринска Македонија.
„Бугарите во Македонија по притисок на Бугарија одат кон признавање, додека тука нашата држава се уште е на став дека ние сме нелегитимни, дека нема Македонци, ние тоа го оспоруваме со личното самоопределување“, вели Атнас Мазнев.
Бугарската ВМРО организираше протести пред отворањето на клубот. А евро пратеникот Ангел Џамбаски постави фотографии на Гоце Делчев, Даме Груев за кои рече дека се Бугари.
„Луѓето кои овде зборуваат, дејствуваат и сакаат да го направат тука во гаражата зад нас се сепаратисти. Тие луѓе сакаат да ја одделат пиринска Македонија од Бугарија и тоа во секој случај штети во односите како и посетата на господинот Мицкоски. Ние секогаш ќе кажуваме дека Македонија е Бугарска. Северна Македонија е друга држава“, вели Ангел Џамбаски.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто не присуствува на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, премиерот Димитар Ковачевски рече дека не бил во Бугарија затоа што знаел дека денеска ќе има седница на Влада, токму за справување со енергетската криза.
„Мило ми е што македонски граѓани, вклучително и Мицкоски и Апасиев можат слободно да одат и да се радвуваат на отворање на македонски културен клуб во Бугарија. Сметам дека тоа е една од придобивките од договорот што ја направиме со соседна Бугарија и со почетокот на преговорите со ЕУ“, додава Димитар Ковачевски.
Делегациите кои пак патуваа од Македонија кон Бугарија се пожалија дека биле претресувани на граничниот премин, а дополнително им биле барани патни исправни при влезот во Благоевград.
