Апели и аларми доаѓаат од сите страни во врска со енергетската криза за зимската сезона.
Енергетска криза и повторно зголемување на цената на струјата. Вака ќе изгледа претстојната зима, имајќи го предвид и порастот на цената на прехранбените продукти и горивата.
Ова ќе биде најтешката зима во последните 70 години, велат надлежните власти. Од 1 септември стартуваат мерките за штедење струја, но Васко Ковачевски вели дека од јануари се очекува и ново поскапување на електрична енергија.
Ковачевски е убеден дека ќе истуркаат без да има прекин на струјата во ниту еден момент. Најавува дека според планот што го изготвиле сѐ ќе биде во ред, но од друга страна надлежните постојано апелираат за штедење струја. Загриженост за ваквата состојба изразија и од Здружението АДКОМ. Од таму побараа средба со Владата, бидејќи во спротивно, како што велат, јавните комунални претпријатија ќе наидат на потешкотии и ќе бидат принудени да ги зголемат цените за услугите што им ги нудат на граѓаните.
„Потсетуваме дека на 18 јули АДКОМ јавно побара средба со претставници на Владата, на кои ќе се разгледа можноста за субвенции и поддршка на претпријатијата, кои имаат неколкукратен раст на трошоците предизвикан, пред сѐ, поради енормниот раст на трошоците за електрична енергија. Со продолжување на оваа состојба во која се наоѓаат јавните комунални претпријатија се доведува во прашање квалитетот на услугите кои ги овозможуваат за граѓаните, како и нормалното опстојување на самите претпријатија кои обезбедуваат работа за повеќе илјади семејства“, велат од АДКОМ.
Утре се очекува да биде прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор. Одлуката ќе важи од 1 септември, а според најавите на надлежните власти нема да има рестрикции за струја во зимскиот период доколку работите се одвиваат по планот. Инаку, од 1 септември стапуваат на сила мерките за штедење електрична енергија одобрени од Владата и ќе важат до 31 март следната година. Исто така, Владата во наредните денови се очекува да објави јавни повици за избор на вршител за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, откако на БЕГ му беше одземена лиценцата за работа.
