Од јуни наставниците со повисоки плати за 12%, денеска се одлучува дали од утре учениците ќе се вратат во училиште

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од три часа преговори за покачување на платите на наставниците! На крајот, малку попушти Владата, a малку СОНК. Првиот човек на синдикатот, Јаким Неделков, по средбата рече дека преговорите биле тешки и макотрпни. Постигнат е договор платата на наставниците да се покачи за 12%. Повисоките плати просветните работници ќе почнат да ги добиваат од јуни, по ребалансот на буџетот.

Министерот за образование, Јетон Шаќири, и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, очекуваат од утре училиштата и градинките да почнат да функционираат нормално.

-Овој договор е за доброто на сите страни и интересни групи, почнувајќи од учениците во средно и основно образование, како и за оние кои треба да посетуваат градинки, вели Шаќири.

Првиот човек на МОН, Шаќири не откри колку средства ќе бидат издвоени од буџетот за покачување на платите на наставниците. Изрази задоволство од постигнатиот договор, додека министерката Тренчевска, пак, уверува дека со покачувањето од 12% нема да има дополнителна инфлација.