Од каде се парите за кредитот? – Меџити: Ние ги земавме од членка на ЕУ, конспиративна тема е од каде ги земала Унгарија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 порача дека парите од кредитот од Унгарија не се кинески пари, односно нив им е доволно да знаат дека долгот кој го земале е од друга држава и не е битно дали се земени од Кина или од Русија.

Како што вели, децентрализацијата е европска вредност и американска вредност.

„Мислам дека е добро што владата инвестира во децентрализацијата, инвестира во општините, во власта која е најблиску до граѓаните. Се приближуваат до европските и американските стандарди. Второ, кредитот е земен од една земја која е членка на Европската Унија, ние кредитот го земавме од Унгарија. Конспиративна тема е сега од каде ги земала Унгарија. Унгарија е дел од Европската Унија, дел од Европа и не ни следува нам сега да истражуваме од каде земале. Какви пари, јас мислам дека има кој се бави со тие анализи, компетентни институции. Второ, овие сега кои ја обвинуваат Унгарија, каде ги земала Унгарија парите, забораваат дека за време нивните влади тука имавме кинески инвестиции. Автопатот Кичево-Охрид кој им го даде на Кинезите?“, вели Меџити.