Овие снимки станаа вирални пред неколку дена, кога вработените во Националниот парк „Шар Планина“ се обиделе да спречат ратрак кој превезувал туристи, бидејќи, според нив, операторот немал дозвола.
Истиот ден случајот беше пријавен во полиција, при што беше наведено дека еден вработен се здобил со повреди. Воедно, во соопштението од Националниот парк беше наведено дека при инцидентот бил загрозен животот на нивните вработени.
„Раководството на НП „Шар Планина“ пријави кривични дела „попречување службено лице при вршење службена должност“ и „предизвикување општа опасност“, односно дека неколку лица со ратраци се обиделе да ги прегазат вработените во паркот, при што едно лице (чувар) било удрено со механичка опрема и се здобило со повреди“, велат од СВР Тетово.
Но, случајот доби поинаков тек, што отвора и низа прашања. Директорот на Националниот парк, институцијата која го пријави настанот и повредувањето на својот вработен за време на извршување на должноста, изјави дека ниту еден вработен не бил повреден.
„Немаше повреди кај вработените за време на таа акција. И јас бев заедно со колегите на терен и не дозволив ситуацијата да излезе од контрола“, рече Евзал Елмази, директорот на Националниот парк „Шар Планина“.

Оваа изјава беше дадена на прес-конференција на која директорот Елмази информираше дека Националниот парк постигнал договор со приватните оператори, меѓу кои и со оној за кој пред неколку дена беше поднесена пријава.
„Договорите што сега се склучени претставуваат значаен чекор кон воспоставување заемна и конструктивна соработка меѓу Националниот парк и економските оператори кои дале придонес за туризмот во овој регион“, изјави Елмази.
-Но, што се случи по потпишувањето на договорот?
„Сите три страни потпишавме изјава дека по постигнувањето на договорот ќе доставиме иницијатива до Министерството за внатрешни работи за запирање на кривичните пријави во иднина за овој случај“, рече тој.
Според договорот потпишан меѓу приватните оператори и Националниот парк, еден ратрак да излезе на терен, дебелината на снежната покривка треба да биде минимум 50 сантиметри, а еден оператор може истовремено да ангажира најмногу четири вакви возила.
