Од први мај наредната година се олеснува патувањето меѓу Македонија и Црна Гора. Договорена е директна авионска линија Скопје – Тиват, која во почетната фаза ќе има два лета неделно. Ова го соопштија вицепремиерите на Македонија и Црна Гора, Александар Николоски и Филип Ивановиќ.
„Денеска заедно со потпретседателот на Владата на Црна Гора договоривме, и веќе станува реалност директна авионска линија која што ќе оперира од Тиват до Скопје. Истата ќе оперира, за почеток, двапати неделно. Ќе стартува од 1 мај и се надевам дека сериозно ќе допринесе во зголемување на, не само бројот на патници и размена помеѓу двете држави, но исто така и зголемување на туризмот и на бизнисот“, порача Александар Николоски.
На средбата двајцата вицепремиери разговарале и за можностите за унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Црна Гора.
Вицепремиерот Николоски добил и уверување од црногорскиот колега, дека Црна Гора ќе ја поддржува Македонија на патот кон Европската Унија. Ивановиќ, рече дека Црна Гора е предводник во евроинтеграциите во регионот и очекува да стане полноправна членка на ЕУ во 2028 година.
„Црна Гора се залага за процесот на проширување кој се заснова на заслуги и сметаме дека Европската Унија не може да биде комплетна без сите држави на нашиот регион. Затоа многу брзо кога Црна Гора кога ќе стане полноправна членка на Европска унија ќе биде силна поддршка и на Северна Македонија во процесот на нејзината европска интеграција, со желба да што побрзо се најдеме заедно во семејството, внатре во семејството на европската политичка во политичко семејство“, вели Филип Ивановиќ.
Како дел од договорените активности меѓу двајцата вицепремиери е и голем бизнис-форум на кој ќе учествуваат компании од двете земји, кој треба да се одржи следната година. Целта е отворање нови можности за деловно поврзување и заеднички инвестиции.
