Од денеска на полноќ започнува 24-часовна засилена акција на сообраќајната полиција, во рамки на која низ целата држава ќе се спроведуваат непрекинати контроли за мерење на брзината на движење.
Како што информираат од Министерство за внатрешни работи, акцијата ќе трае од 00:00 часот денеска до 00:00 часот на 16 април, при што ќе биде реализиран таканаречен „маратон на брзина“ на сите патишта во земјата.
Брзото возење, како што посочуваат од МВР, останува една од главните причини за сообраќајни несреќи со тешки последици, поради што институциите континуирано преземаат мерки за негово намалување.
„Со имплементација на проектот ‘Безбеден град’ и постојаните акциски контроли се зголемува свеста за опасностите од брзото возење, се поттикнува промена на однесувањето кај возачите на долг рок и се спасуваат животи“, наведуваат од полицијата.
Македонската сообраќајна полиција, како дел од европската мрежа ROADPOL, се приклучува на заедничката европска акција за контрола на брзината, која истовремено се спроведува на патиштата низ целиот континент.
Од МВР додаваат дека дел од локациите на кои ќе се спроведуваат контролите им се однапред познати на возачите, со цел да се зголеми превентивниот ефект на акцијата.
„Целта не е казнување, туку безбеден сообраќај во рамки на дозволените брзини. Намалете ја брзината и почитувајте ги ограничувањата – со тоа спасувате животи“, порачуваат од Министерството за внатрешни работи.
