Дали на први јули ќе поскапат горивата со воведувањето еколошка такса, засега останува неизвесно, особено поради тоа што опозициските пратеници најавија дека ќе го блокираат законот. Доколку остане блокирано донесувањето на законот Буџетот ќе остане покус за околу 30 милиони евра. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи побара да се поддржи законот бидејќи со тоа ќе се реализираат и голем број проекти кои се потребни за граѓаните истакна тој.
„Јас навистина само се надевам дека и опозиционерите и сите пратеници во најбрзо време ќе ги донесат законските измени, а секако дали тоа ќе биде за 10 дена, дали за 15 или за месец дена можеби е работа на денови но мислам дека ќе бидат донесени и не верувам дека ќе се случи спротивното“, истакна Фатмир Битиќи.
Премиерот Заев вели дека воведувањето еколошка такса е особено важно за подобрување на животната средина. Според него тоа ќе се компензира со укинување на воведената акциза за горивата донесена за време на корона кризата.
„596 долари барел нафта е во моментот. Ако помине 600 долари, а тоа се очекува овие денови веднаш и овие два денари што останаа се укинуваат. Така да имаме едно компензирање со тоа што акумулираме еколошки фонд. Само во првото полугодие ако се донесе почетокот на јули самиот закон акумулираме милијарда 685 милиони денари или за една година се 3 милијарди 330 милиони денари“, посочи Зоран Заев.
Но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму остануваат на ставот дека ќе го блокираат законот со кој ќе поскапат горивата. Портпаролот Димче Арсовски вели дека воведувањето еколошка такса не само што ќе удри по џебот на граѓаните, туку и ќе повлече низа поскапувања.
„Над 50 милиони евра годишно власта на СДСМ ќе земе од граѓаните преку покачувањето на горивата, а тие 50 милиони евра како што знаете ќе завршат во џебовите на СДСМ преку криминални тендери, како што впрочем е праксата на СДСМ и на Зоран Заев досега“, порача Димче Арсовски.
Измените на законот за животна средина со кој се воведува еколошката такса, се пратени во Собрание и пратениците треба да го разгледаат по скратена постапка.
