Од регионална лига, па до меѓународна сцена – тим од Струга формиран пред 6 години, сега игра во Европа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ФК Струга Трим Љум е формирана пред само 6 години. Тренинзите не ги спречува ниту дождот. Со работа, труд и волја струшката екипа многу брзо се искачи во Прва лига. Како и секоја професионална екипа тренираат два пати дневно. Со професионален ангажман, оваа екипа минатата сезона успеа да се квалификува на третото место на табелата од првата лига, обезбедувајќи на тој начин пласман на европската фудбалска сцена, нешто што за екипата претставува историски успех.

Тренерот Срѓан Захариевски, поранешен македонски репрезентативец и некогашен играч на германски Штутгарт, вели дека тренирале и работеле напорно за да стигнат таму каде што се.

Фудбалерот Буњамин Шабани вели дека екипата е нова, но амбициите се големи.

„Нова екипа сме но со големи амбиции, екипата е многу добро организирана, тоа го докажуваме втора година во првата лига, учествуваме на европските првенства и верувам за нас овој натпревар, доколку се квалификуваме, ќе биде голем успех“, рече капитенот Шабани.

Фудбалот е скап, затоа директорот на клубот Бесарт Исаку вели дека имаат годишни трошоци од половина милион евра.

„Ние бевме нова екипа и немавме ниту стадион ниту финансии. Потоа кога го формиравме клубот најдовме и донатор за поддршка на клубот. Нормално не е лесно да бидеш професионален клуб, чини околу половина милион евра годишно.“, рече Исаку.

На првиот натпревар во Европа, Струга се соочи со Лиепаја од Летонија, каде на гостински терен успеаја да постигнат резултат 1:1. Реваншот стружаните ќе го одиграат во четврток во Скопје, на стадионот Тодор Проески, со почеток од 17 часот.