Од секаде се бараат пари – за 10 дена ќе стигне помош од ММФ од 175 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За финансирање на мерките за здравствена и економска стабилизација ММФ одобри 175 милиони евра. По ова Министерството за финансии заедно со Народната банка треба да испратат писмо со намери за да се реализира аранжманот. Овие средства треба да стигнат кон средината на овој месец, за што и министерката Нина Ангеловска рече дека првата помош се очекува токму од ММФ. Покрај нашава земја помош од меѓународниот фонд за справување со економската и здравствената криза побарале и голем број земји погодени со кризата.

„Можам да кажам дека никогаш досега не сум видела толку голем пораст на побарувачка за итно финансирање. Веќе над 90 земји имаат испратено барање до ММФ за помош“, посочи Кристалина Георгиева.

Македонската Влада за справување со кризата веќе донесе сет економски мерки. Со пакетот вреден 200 милиони евра власта уверува дека ќе бидат зачувани околу 250 илјади работни места. Од владејачката СДСМ велат дека за да се обезбедат повеќе пари се кратат сите непродуктивни трошења а повикаа и на солидарност.

„Ова е време кога солидарноста треба да ја покажеме на дело. Затоа Владата отвора солидарен фонд за донации од правни и физички лица за помош и поддршка за полесно справување со кризата. Во оваа прилика апелираме до сите кои имате можност и волја да бидете солидарни и да донирате со што ќе придонесете за надминување на овој тежок период“, вели Богдана Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ до Владата се испратени предлог уредби со економски мерки за компаниите и работниците. Поранешниот министер за финансии Трајко Славески предлага наместо минимална плата, помошта да изнесува половина од бруто платата, но и предлог за обезбедување исплата на пензии.

„Викендов подготвуваме уште една важна уредба токму за прашањето за кое што сега зборував со кое што предлагаме времето почнувајќи од март оваа година до крајот на 2020 година оние 6 проценти од придонесот за пензиско и инвалидско осигурување кое што се уплаќаат во приватните пензиски фондови времето да се уплатуваат во државниот пензиски фонд да се зајакне неговата можност за навремена исплата на пензиите“, изјави Трајко Славевски.

За справување со кризата во економијата Македонија бара 120 милиони евра од Светска банка кои се очекува да ги добиеме на почетокот на мај, потоа 50 милиони од Европската инвестициона банка, а се чека одговор и за 400 милиони евра од деловните банки од таканаречениот заем за премостување до издавање на еврообврзницата.