Пуштен во употреба експересниот пат Фариш- Дреново, во должина од 10,2 километри, дел од коридорот 10. Се гради од 2016 години и чини речиси 45 милиони евра. Парите се од Европската банка за обнова и развој. Со овој пат од Прилеп до Скопје ќе се стигнува за максимум 1 час и 15 минути, a од Битола до Скопје за 1 час и 40-тина минути. Со пуштањето пак на патот Прилеп-Битола, времето на патување ќе биде многу пократко.
Премиерот Мицкоски со владина делегација денеска свечено го пуштија во употреба. Кажа дека овој пат е од витално значење за Кавадарци, Прилеп, Битола и за Пелагонијата.
-Овие пари, како во минатото, по принципот како до сега не завршија во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори, туку се тука пред вас. Во асфалтот во оваа делница во реални опипливи дела, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за транспорт, Николоски пак одговори на обвинувањата на СДСM дека тие изградиле 90 проценти од патот. Рече уште лани во текот на изборната кампања направиле спот во кој наместо пат тука имало купишта карпи и камења.
-Неколку дена после нас спот извадија и од СДСМ, тогашниот носител Венко Филипче, со тогашниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски. И имаше две реалности. Ние излеговме на пат кој што не постоеше,тие излегоа на завршен пат. И сфативме дека тоа е една од првите употреби на вештачка интелигенција во Македонија на лош начин. Односно со вештачка интелигенција направиле како патот да е готов, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Директорот пак на јавното претпријатие Државни патишта, Трајановски, рече овој пат во најголем дел бил направен.
-Кога дојдов на функцијата директор на Јавното Претпријатие Државни патишта овој пат во најголем дел беше направен. Меѓутоа се работеше со многу, многу слаб интензитет. Да не речам скоро да не се работеше. Имаше проблеми кои што треба да се решат, изјави Коце Трајановски, директор на ЈП Државни патишта.
Пуштањето на оваа делница не помина без партиски препукувања. Опозициската СДСМ излезе со обвинувања дека власта се кити со туѓи перја. Тврдат за време на претходната власта на чело со СДСМ, биле завршени над 90% од патот низ Фаришката клисура.
