Министерот за правда Јетон Шасивари вечерва истакна дека на денешен ден во 1910 година, во Скопје е родена Гонџе Бојаџиу или попозната како Мајка Тереза.
Нејзиниот животен пат остави белег далеку надвор од нејзиниот роден град.
„На 116-годишнината од нејзиното раѓање, ја паметиме пред сè преку вредностите што имаат универзално значење: хуманизмот, солидарноста, достоинството и почитта кон секој човек.
Нејзината животна приказна е дел и од историјата на Скопје. Од овој град започнал патот на една жена која подоцна стана позната низ целиот свет.
За мене, како министер за правда, ова е потсетување дека човечкото достоинство, еднаквоста, праведноста и грижата за ранливите се вредности што не познаваат граници, јазици или поделби.
Скопје е нејзиното родно место. Нејзината животна приказна е светско наследство. А вредностите што ги носи се порака за сите нас.
Да го паметиме Скопје не само како град со богата историја, туку и како град од кој кон светот тргнале луѓе чии дела оставиле трага врз човештвото“, вели Шасивари.
