Од 1 септември 2026 година стапуваат во сила нови правила за користење на зоната „Hug & Fly“ пред терминалот на Меѓународниот аеродром Скопје, информира ТАВ Македонија.
Возачите ќе можат бесплатно да запрат до 10 минути за да остават или преземат патници, но со една важна промена – бесплатниот влез ќе биде дозволен само еднаш во период од 24 часа за секое возило.
Пристапот ќе се контролира преку систем за автоматско препознавање на регистарските таблички, кој ќе го евидентира влезот на возилата.
Од ТАВ Македонија појаснуваат дека новото правило се воведува со цел да се обезбеди непречено одвивање на сообраќајот и побезбеден и полесен пристап до терминалот, особено во периодите со зголемен број патници.
За оние на кои им е потребен подолг престој, и натаму на располагање останува големиот паркинг пред терминалот. Тој располага со 1.200 паркинг-места за автомобили и шест места за автобуси, а отворен е во секое време.
