Приватните превозници ја прекинаа блокадата и најавија дека од утре ќе се вратат на улиците, откако на координативната средба во Град Скопје беше договорено независни експерти во рок од 15 дена да изготват анализа за зголемувањето на надоместокот по извозен километар.
Претставникот на превозниците, Јовица Зафировски, изјави дека новите цени ќе стапат на сила од 1 јануари 2025 година.
„Се договоривме дека во рок од 15 дена ќе биде изработена стручна анализа со учество на нас и координаторите на советничките групи. Со ова ќе се креира нова методологија и ќе се структурираат сите ставки. Заклучно со 1 јануари, ќе стартуваме со нова цена, а ќе се склучи и анекс на договорот“, изјави Зафировски.
Град Скопје претходно соопшти дека на вчерашната седница на Советот не беше донесен заклучок според законските процедури, поради што денеска се одржа координативна средба со градоначалничката, секретарот на Град Скопје, координаторите на советничките групи и приватните превозници.
На средбата било заклучено дека во рок од 15 дена ќе се подготви анализа за реалните трошоци на јавниот превоз, изработена од експерти и претставници на Градот, со користење на податоците поднесени од приватните превозници.
„Анализата и предлог-решенијата ќе бидат презентирани на 16 декември, а Советот на Град Скопје ќе се изјасни со носење одлука за корекција на надоместокот“, се наведува во соопштението.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Мартин Стојановски, на Фејсбук објави дека присуствувал на состанокот, но го напуштил бидејќи не добил конкретен предлог за решавање на проблемот со превозниците.
„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во задкулисните игри на коалицијата СДСМ, Град Скопје, ДУИ и Левица, кои не работат за доброто на граѓаните. Вчерашната одлука за покачување на цената за 30 денари по километар е легитимна и беше донесена со кворум од 29 советници“, стои во објавата на Стојановски.