Од утре граѓаните тарифата за роаминг за телефонски повици и смс пораки ќе ја плаќаат како да се дома. Но, за да нема недоразбирања, ќе има ограничен интернет, објаснува првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, Јетон Акики.
„Доколку корисникот користи 1 гигабајт интернет за една недела во земјава, а за една недела во регионот потроши 5 гигабајти, тогаш операторот ќе му испрати смс порака дека интернетот ќе прекине или ќе биде ограничен“, посочија од АЕК.
Министерот за информатичко општество Јетон Шаќири вели дека договорот со операторите треба да се почитува и доколку на граѓаните им дојдат високи сметки, тогаш ќе треба да ја известат Агенцијата за електронски комуникации.
„Роаминг тарифата е кога наши граѓани се наоѓаат во друга држава и користат услуги од телекомуникациите. Предизвик ќе биде бидејќи бариерите и укинување на ограничувањата додека да се потврдиме во првиот месец, потоа во вториот месец ќе ни биде полесно за комуницирање“, истакна Шаќири.
Договорот за редуцирање на цените за роаминг услугите на јавните подвижни комуникациски мрежи во регионот на Западен Балкан е потпишан од одговорните министри за електронски комуникации на шест земји од Западен Балкан, како Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, во Белград во 2019. Обиди за укинување на роамингот има и за други земји како Бугарија и Грција, но се уште нема ништо конкретно.
