-Мицкоски да дојде, премиер да биде? Не размислувам за оставка, рече Зоран Заев.
Го критикуваа неговиот избор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, се бараше неколку пати досега оставка, предизвик беше да си ги зачува пратениците додека другите формираа фракции внатре во партијата. Кој е патот на Христијан Мицкоски од Валандово до тука, Илинденска број два.
Патот поминува низ решителност и визија за подобра Македонија. Гордоста ја најави уште пред шест години.
-Мојот сон и сонот на мојата генерација можеби не успеа да се досонува. Но ви ветувам дека се ќе направам и сторам за сонот на вашата генерација се досонува и стане јаве. А тоа е богата економска, просперитетна и горда Македонија. Македонија ќе победи не заборавајте, изјави Христијан Мицкоски.
Но, не беше така лесно. Се нижеа изборни циклуси…
-Уште само 13 дена Заев е премиер и никогаш повеќе, вели Христијан Мицкоски.
Сонот остана неостварен, а партијата што важеше за монолитна и затворена за внатрешните случувања шепотењето го замени со јавни објави на проблемите што дотогаш беа скриени под црвениот тепих во Белата палата.
-Христијан Мицкоски ги изневери очекувањата, дека партијата е руинирана до тој степен на непрепознатливост и дека со негово понатамошно водство на ВМРО-ДПМНЕ партијата и натаму ќе тони, изјави Борче Стамов.
Фракциите не успеаjа, а решителноста на Мицкоски да биде премиер остана. Три години подоцна започна изборна кампања посветена главно на идентитетските прашања, европската иднина и борбата со криминалот и корупцијата. Голем број од гласовите ги доби со наративот против ДУИ, за кои се велеше дека на луѓето интегративците им аздисаа.
-Криминалот на семејството Ахмети и на првенците на ДУИ дури и најголем дел од Албанците во Македонија со презир го отфрлаат и го одбиваат да го прифатат. Наместо како идеолог како што сака да се претстави, забарикадиран во тврдина со камен, ќе биде еден обичен ситен криминалец и така ќе ја заврши својата политичка кариера, изјави Христијан Мицкоски.
Европската иднина, владеење на правото се меѓу клучните сегменти на кои во честитките ги посочуваат и стратешките партнери.
-Додека премиерот и неговиот кабинет ја преземаат функцијата, со нетрпение очекуваме да го продолжиме нашето партнерство во зајакнувањето на владеењето на правото, подобрувањето на економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот развој, социјалните структури и придвижувањето на земјата напред на нејзиниот евроатлантски пат, напиша Анџела Агелер, амбасадорка на САД во РСМ.
За резултати од новата Влада, Мицкоски рече дека нема да чека да заврши медениот месец, а граѓаните уште повеќе за враќање на „животот“ или надежта за да не биде: „Како до сега“.