Од вечерва нема блокада на границите, превозниците се повлекуваат!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Асоцијацијата „Макам-транс“ информира дека од вечерва, 29 јануари 2026 година, од 20:00 часот, се прекинува протестот и блокадата на граничните премини за влез и излез од државата.

Од асоцијацијата упатија благодарност до сите кои во изминатите денови ја поддржаа блокадата на граничните премини, истакнувајќи дека заедништвото и солидарноста на професионалните возачи и поддржувачите дале конкретни резултати.

Како што наведуваат, согласно официјалното известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европската комисија донела одлука да изработи нова визна стратегија, со која се очекува да се реши проблемот со правилото за престој „90 дена во период од 180 дена“, со кое се соочуваа професионалните возачи.

Со оглед на тоа што е добиена потврдата за најавените промени, Асоцијацијата „Макам-транс“ донела одлука да го прекине протестот на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.

Од асоцијацијата упатија и посебна благодарност до медиумските куќи и порталите кои, како што велат, ја направиле нивната борба видлива на европско ниво, порачувајќи дека заедништвото останува клучно во понатамошната борба за правата на професионалните возачи.