Првата линија на проектот Градски воз се планира да започне да сообраќа во мај или јуни идната година. На терен веќе се градежни работници и се работи на реконструкција на постојната железничка инфраструктура и тоа на првата делница која што оди од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода до Железничка станица. Преку оваа делница од Зелениково до Скопје долга 24 километри, ќе се стигнува за 25 минути, додека од Драчево за само 11 минути. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој проект ќе влијае на намалување на загадувањето на воздухот.
„Мислам дека ќе има позитивно, не мислам туку сум сигурен дека ќе има позитивно влијание врз животната средина ќе го намалат загадувањето во текот на целата година бидејќи автомобилите се возат во текот на целата година и во текот на целата година тие емитуваат честички кои влијаат негативно врз квалитетот на воздухот“, рече Мицкоски.

Според Министерот за транспорт Александар Николоски по завршувањето на првата фаза идната година ќе започне реализацијата и на другите две. Тоа се делниците од Волково, преку Ѓорче Петров, Скопје Север до Железничка станица и другата од Миладиновци, преку Илинден до Железничка станица.
„Околу идејата, визијата за Градски воз која што пополека станува реалност, имаме три траси, првата која што оди од Зелениково преку Драчево, Јане Сандански, помеѓу Кисела Вода и Аеродром и Нова железничка веќе се работи а в година ќе се работат и другите две“, изјави Николоски.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека ќе се направи и синхронизација со градските автобуси кои би ги прифаќале патниците од Градскиот воз за да нема чекање.
„Во моментот кога ќе има потреба и ќе има воз на железничката постројка тогаш ќе бидат адаптирани и автобусите од Јавното сообраќајно претпријатие да бидат достапни. На тој начин ќе понудиме реална и брза алтернатива за транспорт на нашите сограѓани“, рече Ѓорѓиевски.

Директорот на Јавното претпријатие Железници Синиша Ивановски истакна дека првата фаза од Зелениково до Центар ќе чини 5,7 милиони евра, додека делот од товарниот сообраќај од Драчево до Илинден ќе изнесува околу 3 милиони евра. Вели дека овие две делници ќе бидат готови за половина година.
„Првата фаза на градскиот воз кој што во моментов почна да се работи од Зелениково до централна станица Скопје во должина од 24,5 километри ќе биде готова за најмногу 6 месеци од денеска. Втората делница од Драчево до Илинден која што е исклучиво за товарниот сообраќај во должина од околу 7,7 километри претпоставуваме некаде до Нова година поради тоа што е пократка“, изјави Ивановски.

Градскиот воз има за цел да го олесни сообраќајот и превозот на патниците, а со трите делници ќе го поврзува Скопје од еден крај до друг.
