Одбележани 23 години од Охридскиот договор – Меџити: Децентрализацијата, столб што ќе реши многу суштински проблеми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Охридскиот договор го донесе она што беше најпотребно, мирот. Со заеднички патриотизам, ќе изградиме подобар живот под заеднички кров. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски на свечената седница во Влада по повод одбележувањето на 23 годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.

Првиот вицепремиер Изет Меџити на оваа седница рече дека новата влада нема само зборови туку и дела. Тој им се заблагодари на премиерот и на новата влада за 1 милијарда евра доделени за општините и за децентрализацијата, која според Меџити е столб на Охридскиот договор што ќе реши многу суштински проблеми во нашите општини, во нашите населени места и ќе биде со цел да се подобри квалитетот на животот на граѓаните на РСМ. За децентрализацијата, како втора точка, се зборуваше и на панел дискусијата што беше организирана по повод оваа годишнина. Тој рече дека општините треба да бидат генератори на развој, а не акумулатори на проблеми.

-Локалната самоуправа има потреба од зајакнување на фискалната децентрализација, следствено на ова, за повеќе финансиски средства, а не само децентрализација на обврските. Што значи зголемените овластувања мора да бидат проследени со зголемени финансиски средства. Ова ќе наметне нов концепт на економски развој од дното нагоре, а не од врвот надолу, т.е. општините ќе бидат генератори на развој, а не само акумулатори на проблеми-рече Изет Меџити.

Според Меџити фондот од 1 милијарда евра за општините ќе донесе директни придобивки за локалните заедници со подобрување на инфраструктурата и услугите кон граѓаните, за сите општини.