Ова е златниот медал со кој каратистот Матеј Белистојановски се врати од Медитеранските игри во Таранто.
За да стигне до победата, рече дека се подготвувал цело лето и дека учеството на овие игри за него претставува гордост.
„ Посебно е, уште поголема гордост да се донесе единствениот златен медал од овие Медитерански игри. Имав четири борби, кадешто извојував победа со 6 – 1 во првата борба против Сирија“, вели Матеј Белистојановски.
Претставниците на Македонија се вратија од Таранто со шест медали – еден златен, два сребрени и три бронзени – освоени од Фати Вејсели, Реџеп Хајдари, Вероника Консевиќ, Ален Рустемовски и Матеј Белистојановски.
„ Овие четири медали на Медитеранските игри за нас се голем резултат и тоа покажува дека имаме добари и квалитетни борачи. И, ќе бидеме уште посериозни, ќе направиме уште подобри услови да имаме на следните игри повеќе медали“, порача Мухамед Ибраимов.
Шампиони се и оние кои можеби не успеале да освојат медал, но покажаа дека се подготвени да направат сè за да ѝ донесат победa на Македонија, рече претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски.
„Ние имавме случај, каде што наше девојче, коешто е родено во Германија, кое се натпреварува таму, Илина, толку многу ја сака оваа држава, својата матична држава, иако е израсната и живее во Германија, таа беше вистински пример како се сака Македонија. Имаме пример каде што натурализиран наш спортист, Вероника, во борење, со своето 11-месечно бебе, штотуку породена, најде сили и мотивација да биде присутна таму, да даде сè од себе за Македонија и да освои медал. Таа приказна, верувајте ми, одекна многу далеку, да не кажам во цел свет“, вели Даниел Димевски.
Димевски увери дека на следната седница на Управниот одбор на Олимпискиот комитет, една од точките што ќе ја покрене ќе биде наградувањето на медалистите, бидејќи, како што појасни, во правилникот за наградување во моментов не е предвидена награда за освојувачите на медали на Медитеранските игри.
