Еден синдикат на протести за 1. мај, а друг на 30 април со конференција за развивање на социјалниот дијалог во контекст на работничките права на која ќе учествуваат и работодавачи и претставници на власта ќе го одбележат Денот на трудот. Првиот човек на Синдикатот за образование и култура – СОНК, кој е дел од Конфедерацијата на слободни синдикати, за ТВ21 изјави дека нема да излезат на протестите што ги најави Сојузот на синдикатите за 1. мај, бидејќи тоа било обична парада.
Новинар: А зошто велите паради?
-Парада е тоа. Не е нешто посериозно. Знаете што, протестот треба да ти дојде врз основа на личното уверување а не врз основа на молбите на социјалните мрежи – Излезете сите, време дојде. Не. Ако работниците не се свесни дека ножот дошол до коска, и ќе излезат без разлика дали е 1. мај или 30. декември, и да направат протест кој навистина ќе вроди со плод, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
За Неделков протестот на ССМ е чист популизам кој доаѓа од Синдикат кој никој не го зема за рамноправен партнер и затоа нема резултати од нивното работење.
Новинар: Со кого рамноправен партнер?
-Со социјалниот партнер на сите нивоа, почнувајќи од установа, со директорот… На локално ниво, со локалните власти, со општината и конечно со централната власт, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Сојузот на синдикати на Македонија за Денот на трудот најави протести на кои основно барање е минимална плата од 500 евра и почитување на колективните договори. Од ССМ ги обвинуваат останатите синдикати дека се полтрони на власта и не ги бранат работничките права.
„Во моментот сите се против Сојузот на синдикатите на Македонија, вклучително и Владата, работодавачите и другите синдикати, само затоа што бараме зголемување на платите, затоа што бараме зголемување на минималната плата и затоа што бараме достоинствени плати и достоинствени услови за работа. Работниците треба да се охрабрат и да застанат заедно со нас. Никој не може да им се заканува на работниците и никој не може да им се заканува на синдикатите“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
За Неделков од СОНК, поважни се резултатите отколку да се брои колку некој организирал протести. Затоа, според него, подобро е да се развива и унапредува социјалниот дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и власта, наместо веднаш да се оди на штрајкови. Оваа мерка треба да биде последна и да донесе конкретни резултати во корист на работниците.
