Одбиваат 2 евра за метар квадратен – жителите на Чајлe бараат повеќе за земјата каде поминува гасовод

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Се жалат дека со проектот за гасоводот, кој поминува низ нивните земјишта, им се одзема имотот без договор и без никаква најава. Жителите на село Чајле, општина Гостивар, велат дека од државата добиваат само по 2 евра за метар квадратен, што според нив е нереална сума. Велат дека градежните работи почнале без никаква најава и дека нема да дозволат такво нешто.

„Кај нас велат 2 евра за метар квадрат, да, еден метар квадратен за 2 евра, тоа е една кутија цигари, во тие еден метар можеш да садиш 100 садници пиперки, да имаш храна за децата, а не пошто зошто да ти ја земат“, вели сопственик.

„Проблем, доаѓа гасот тука и без потписот на мојот татко, пред еден ден го заправ булдожерот и компанијата повика полиција и рекоа да не приведат од наше земјиште. Дека лажам дека не е мое, а ние имаме документи и од нашето земјиште сакат да не пратат во затвор. Тие одлучиле, ти даваат 2 евра и ти станува газда во твоето земјиште, така излегува. Никој ниту не прашал, но крадецот не те прашува тој има сила, полиција, војска и доаѓа во твоето земјиште и ти вели ќе те пратам во затвор, ќе те убијам. Те убива во твоето земјиште! Каква демократија е ова?!“, додаде жител.

Од месната заедница на село Чајле велат дека не биле известени за почетокот на градежните работи и дека сумата кој им се нуди на жителите е многу мала.

„Жителите на Чајле и земјиштето кое го гледате не е за 2 евра, земјиштето вреди многу повеќе. Јас бев во институциите кои го спроведуваат проектот кои плаќаат паушално, овие средства ги земале од европските држави и треба да платат врз основа на експертизата, во консултации со сопствениците на земјиштата, со согласност од земјоделците и тогаш да почнат со работа“, посочи Синан Елези.

Директорот на Енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, тврди дека нема градежни работи во ниту една парцела каде не е завршен процесот на експропријација. Додава дека цената не ја одредуваат тие.

„Јас имам целосно разбирање за жителите на Чајле, но треба да објасниме дека вреднувањето на земјиштата не го правиме ние и не зависи од нас. Сите овие оценувања ги прави Бирото за судски вештачења и единствениот орган кој може да ги смени овие оценувања е Основниот суд на Гостивар.  Сите сопственици кои не се согласуваат со оценувањата и не потпишуваат соодветен договор, ние самите ќе ги пратиме во Основен Суд со цел сопствениците да немаат трошоци“, посочи Бајрам Реџепи.

Проектот на гасоводната мрежа во село Чајле има дистрибутивна точка кон Гостивар, но сопствениците предупредуваат дека нема да дозволат почеток на работите доколку не добијат гаранција дека нивните земјишта ќе бидат соодветно вреднувани.