Потпис, а потоа аплауз…
Зад него лидери на десетина земји, кои добиле покана да станат дел од „Одборот за мир“ на Доналд Трамп. Меѓу нив претседателката на Косово Вјоса Османи, претседателот на Унгарија, Виктор Орбан, претседателот на Пакистан, преставници на Саудиска Арабија и други земји.
Македонија ја нема на списокот на 50-тина земји кои добиле покана да бидат дел од новиот сојуз, за кој дел од светските аналитичари велат дека е пандан и почеток на крајот на Обединетите нации какви што ги знаеме сега.
Но, како Македонија, односно државниот врв треба да постапи во оваа ситуација?
-Ние сме земја членка на НАТО, во тој Одбор за мир доминантно се земјите членки на Блискиот исток и во Азија. Ние геграфски припаѓаме на Европа, нашите аспирации се полноправно членство во ЕУ и треба да бидеме усогласени со надворешната политика на ЕУ. Претпоставка е кога би добиле покана дали би требале да учествуваме, тоа е предмет на анализа. Јас мислам дека никогаш не е на одмет да бидете на маса со најголемите и да учествуваше во иницијативи за мир, но ненапуштајќи ги традиционалните безбедосни, економски и политички архитектонски организации во кои ние имаме аспирации да влеземе. Тука мораме да бидеме мудри, вели Милан Стефановски, воено безбедносен аналитичар.
Со оглед на тоа дека неколку европски земји ја одбија поканата, се поставува прашањето дали Македонија треба да ја следи таквата политика, или ако добие покана, веднаш да ја прифати и да стане членка.
-Има време, не е страшно зошто не не викнале, или некој прави реклама политичка зошто ги викнале, па се сликале во Давос, ништо тоа не значи. Треба да се видат правилата и секако ако е заложбата таа што е, за спасување на мир, решавање на конфликти, стаблиризирање на одредени региони, секако дека тое е позитивно и треба да имате место во таквите политики, вели Златко Кузманов, полковник и доктор по безбедност.
Според нив, глобалниот поредок се наоѓа во фаза на трансформација и се менуваат политичките, економските и безбедносните рамнотежи на светско ниво. Поради тоа Македонија мора да ги следи внимателно сите случувања на глобалната сцена.
Инаку, на самиот почеток се очекува околу 30 држави да бидат дел од Одборот, од приближно 50 земји кои добиле покана. Покани добиле и лидерите на Израел, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Бахреин, Канада, Аргентина, Парагвај, Азербејџан и други држави. Трамп, исто така, ги поканил Кина и Русија. Некои меѓународни медиуми објавија дека Трамп сака државите да плаќаат по една милијарда долари за да бидат постојани членки. Според Си-Ен-Ен, оние што нема да ја платат оваа сума ќе имаат мандат од три години.
