Бранителот Даниел Георгијевски во судницата денеска истакна дека обвинението против поранешниот министер за економија е правно, фактички и логички неосновано.
„Почитувани судии, почитувано јавно обвинителство, почитувана јавност, почитувани медиуми, дозволете во име на одбраната да изразиме длабоко сочувство до семејствата на починатите. Тука сме затоа што веруваме во судот и во правдата, и чувствуваме должност да ја претставиме вистината“, рече Георгијевски.
Тој нагласи дека клучното прашање е зошто обвинетиот министер е ставен под кривична одговорност кога во 2012 година воопшто не била издадена лиценца за објектот каде во 2025 година се случил пожарот.
„Во 2012 година, Министерството за економија издаде лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре – на сосема друга локација, на улица Димитар Влахов во Кочани. Објектот каде се случи трагедијата во 2025 година се наоѓа на улица Крижевска“, додаде одбраната.
