Одговорност засега само од компанијата – без лиценца, 113 пати автобусот ја преминал границата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред повеќе од еден месец, автобусот на „Беса транс“, поминал на технички преглед и немало отстапки кои укажуваат на неисправност. 113 пати оваа година, ја поминал државната граница со извод од лиценца од друго возило.

„Очигедно биле користени изводи од други возила и затоа сега е потребно во рамките на целата оваа истрага да се утврдат сите овие факти да има кривично правна одговроност за сите овие пропусти кои биле правени во изминатиот период во однос на бележењето на возилата. Знаете дека сите тие лиценци дозволи ги бележи Царинската управа на РСМ и ова што се спроведе во рамките на царинската управа за конкретниот случај за Деве Баир треба да продолжи таквата постапка и за другите гранични премини каде што има влез или излез ова возило“, истакна Оливер Спасовски.

Двајцата загинати возачи не биле пријавени како вработени во компанијата.

„Првиот возач е невработен во компанијата и имал сертификат со важност до 11.2023 година. Вториот возач исто така не бил пријавен како вработен за да ја врши дејноста. Сертификатот му бил истечен во 2020 година, месец септември. Ние во државата од месец март 2021 година е застојот во делот на полагање за сертификатите за возачи. Во изминатите неколку месеци имаме 1500 возачи, на кои им истекол сертификатот и треба повторно да полагаат“, посочи Благој Бочварски.

Одговорност засега властите не гледаат кај себе и истата ја префрлаат само кон компанијата.

„Кој и да го прекршил законот треба и мора да сноси одговорност. Каде и да се наоѓа грешката, таа одговорност треба да си ја сноси. Досега до овој момент од тоа што ние го имаме како информација, МТВ нема ниту едно прекршување бидејќи обврската да се пријавуваат нови возила ја имаат или да се бараат изводи од лиценци, пропратна документација имаат согласно законот, правните лица кои што вршат таков превоз и таков транспорт“, додаде Благој Бочварски.

Според првичните податоци, автобусот по првиот удар се самозапалил, но причините се уште се утврдуваат.

„Беса транс“ имала две лиценци. Таа за меѓународен превоз е веќе одземена, а таа за линиски веќе им била истечена.