Се одлага подготвителната седница за оценување на уставноста на законот за јазиците. Ова го одлучи Уставниот суд откако го доби дописот од претседателот на Собранието Африм Гаши со кој го извести Уставен дека Управниот суд ја укинал одлуката за избор на судијката Елизабета Дуковска за уставен судија од пред две години. Од Уставниот суд велат дека постапките на Судскиот совет, Собранието и управните судови предизвикале правен преседан со која досега не се соочил Уставниот суд, што предизвикало правни импликации во постапувањето на судот.
-Судот одлучи: да се одложи подготвителната седница по предметот за Законот за употреба на јазиците која беше закажана за 19 јуни 2025 година од причина што судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со пресудата на управниот суд е судија известител на конкретниот предмет, а дополнително Судот има донесено Заклучок според кој постапувањето по овој предмет треба да биде во полн состав, велат од Уставен суд.
Министерот за правда Игор Филков вели дека Судскиот совет треба да постапи согласно пресудата на Управниот суд, да ја повтори постапката и да достави нов предлог до Собранието.
-Министерството за правда нема надлежност да ги преиспитува одлуките на судовите, тоа е елемент на независност на судската власт. Надлежност за извршување на пресудата на Управниот суд има само Собранието односно во конкретниот случај Судскиот совет. Така што должност на Судскиот совет е согласно препораките, односно пресудата на Управниот суд да ја повтори постапката, да ги земе во предвид препораките и да достави нов предлог до Собранието, изјави Игор Филков, министер за правда.
Дуковска беше избрана за уставен судија во април 2023, по што уште тогаш тужба за нејзиниот избор поднесе Антоанета Димовска која беше една од кандидатите за избор во Уставен суд.
