Одложено судењето за деветте полицајци во случајот „Пулс“ за 1 јуни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судењето против деветтемина полицајци обвинети во врска со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ е одложено за 1 јуни, со цел одбраната да обезбеди и изврши увид во доказите.

Судскиот процес го води судијката Ленка Давиткова, а обвинението го застапува обвинителката Спасенка Андонова.

На денешното рочиште, одбраната побара од Судот да се достават барања до МВР, Бирото за јавна безбедност и УЈП за обезбедување и декласификација на одредени докази, како и овозможување вештачење од стручни лица.

Обвинителката Андонова најави дека по добивањето на материјалите Обвинителството ќе изврши увид и ќе се произнесе по наводите на одбраната.

Одбраната, пак, побара и дополнителен доказ поврзан со претходно запрена постапка, со кој, како што тврдат, се докажува дека еден од обвинетите со години барал пристап до документацијата за дискотеката и дека постапил по службена наредба.

Обвинителството за организиран криминал и корупција ги товари сите деветмина за „злоупотреба на службена положба“, поради наводно пропуштање да извршат потребни проверки при издавање на лиценца за работа на дискотеката „Пулс“.