Со 65 гласови „за“ и 15 „против“, Собранието даде зелено светло за заемот од Унгарија во износ од 500 милиони евра. Заменикот министер за финансии, Николче Јанкуловски дека целта на заемот е одржлива надворешна финансиска состојба и поддршка на реформи. По обвинувањата во јавноста, тој потврди дека и провизијата од траншата ќе припадне на унгарска фирма.
„Таа провизија ќе изнесува околу 70 илјади евра и споредбено со еврообврзницата којашто сме ја издале во 2023-тата година, за ист износ на заем, сме платиле 880 илјади евра“, изјави Николче Јанкуловски, земеник министер за финансии.
Опозицијата не ги штедеше критиките. Според нив, заемот крие сомнителни политички отстапки и претставува удар по суверенитот на државата. Пратеникот Фатмир Битиќи праша зошто ВМРО-ДПМНЕ тајно преговарала со Будимпешта за кредитот додека се уште била во опозиција.
„Дали сакаме нашата земја да биде вовлечена во орбитата на држави кои ја користат својата економска моќ за да ги поткопаат темелите на слободата и правдата. Ова не е само заем. Ова е потенцијална замка која може да ја стави Северна македонија на патот кон политичка подреденост и економска зависност од режими, чии режими не се усогласени со интересите на нашите граѓани и со демократските идеали“, изјави Фатмир Битиќи од СДСМ.
Владејачкото мнозинство ги оцени обвинувањата како смешни.
„Слушнав многу смешни обвинувања дека парите биле кинески, дека не знам од каде биле земени… зошто од услови на опозиција некој преговарал и договарал… Многу сакав да го прашам Венко Филипче – зошто не му пречеше кога од услови на опозиција Христијан Мицкоски договараше донации во времето на короната од Словенија и од Унгарија“, изјави Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Сега се очекува законот за заемот да биде објавен во Службен весник, по што министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска ќе биде овластена да го потпише договорот. Премиерот Христијан Мицкоски претходно истакна дека останатата половина милијарда евра од Унгарија можеби ќе биде побарана во јануари, за да исплатат други долгови.
