Одземени лиценци на четири управители на станбени згради по контрола на РКД

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Регулаторната комисија за домување (РКД) одзеде лиценци на четири правни субјекти – управители на станбени згради, по спроведена вонредна периодична проверка за исполнување на законските услови врз основа на кои им биле издадени дозволите.

Од РКД информираат дека контролата била насочена кон прибирање податоци за примената на член 42 од измените на Законот за домување („Службен весник“ бр.160/2025), кој предвидуваше обврска управителите да го усогласат своето работење во рок од шест месеци од стапувањето на сила на законските измени.

Проверката опфатила управители со седиште во повеќе градови, меѓу кои Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Битола, Кичево, Велес, Куманово, Кочани и Кавадарци. При тоа било утврдено дека 62 правни субјекти ги усогласиле своите активности со законските одредби.

Кај четири управители – три од Скопје и еден од Струмица – биле констатирани неправилности, недоставени податоци или неисполнување на законските обврски. Претседателот на РКД, Никола Затуроски, посочи дека еден од нив не вршел дејност повеќе од шест месеци, со што практично се откажал од управувањето. Двајца од управителите, по одземањето на лиценците, ги исполниле обврските согласно Законот за домување, вклучително и враќање средства од резервниот фонд и изработка на завршни финансиски извештаи.

Според податоците на РКД, во државата има 8.053 станбени згради управувани од управители или заедници на сопственици. Од нив, 5.600 објекти имаат ангажирано лиценцирани управители, со вкупно 135.338 посебни делови – станови и деловни простории. Дополнително, според Централниот регистар, заклучно со средината на декември минатата година се евидентирани 2.453 активни заедници на сопственици.