Одземениот имот на Груевски на продажба – вкупната сума е скоро 2 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Агенцијата за управување со одземен имот становите и апартмани кои се одземени од поранешниот премиер, Никола Груевски, ги стави на продажба. Директорот на Агенцијата, Дритон Небиу, соопшти дека се работи за два стана во Кисела Вода, со површина од 65 и 44 метри квадратни.

„Станува збор за два стана кои ќе бидат ставени на продажба, едниот стан е на улица Бихачка, Кисела Вода, одземен со правосилна пресуда КОК бр. 63/21 Од Основен кривичен суд. Поточно недвижен имот од 65м2, кое од Бирото за судско вештачење е проценето дека вреди 62 700 евра. Недвижниот имот, стан, од 44м2 исто така од Бирото за судско вештачење е проценето дека вреди 43.700 евра“, вели Дрилон Небиу.

Покрај становите, одземени се и три големи апартмани во „Панорама резиденс“, со правосилна пресуда од судскиот случај „Парцели на Водно“. Апартманите се со површина од 199 м2 плус 48 м2 со вредност од 635 илјади евра, апартман од 200м2 плус 48 м2 со вредност од 637 илјади евра и апартман од 155м2 плус 95 м2 со вредност од 570 илјади евра. Вкупната сума на одземени и проценети имоти досега, како што известува Небиу, достигнува речиси 2 милиони евра.

„Одземени се и три апартмани во „Панорама резиденс“. Со оглед на фактот дека се работи за предметот „Парцели на Водно“, сакам да ја информирам јавноста дека со овие имоти кои веќе се проценети сумата што ќе се врати во државната каса е 1.950.000 евра“, додава Дрилон Небиу.

Агенцијата ја чека проценка на уште две парцели во Нерово и општина Центар, кои веднаш ќе бидат ставени на продажба. Небиу најавува дека Агенцијата досега има продадено неколку имоти на поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, но се уште не се продадени сите. Небиу ги повикува сите заинтересирани граѓани да се пријават за купување на овие имоти.