Со логото на ДУИ и патриотски песни и Огнената група ја прослави 21 годишнината од основањето на партијата. Тие пред Домот на култура во Тетово упатија критики до актуелната власт.
„Ние не зборуваме јазик на 20%, ние го зборуваме најстариот јазик во Европа, албанскиот јазик, и како можеме да реагираме кога ни велат од партијата дека не е време албанскиот јазик да стои и гордо да се именува како албански јазик. Денеска кога славиме 21 година од основањето на ДУИ сакаме да ја информираме јавноста дека партиските органи не функционираат врз основа на статутот. Партиските избори кои се организираа пред една година заедно со координаторите се нелегитимни и нестатутарни“, вели Муса Џафери.
Мухамед Амети, координатор во Тетово, рече дека ДУИ не прави ништо за искоренување на корупцијата и за заминувањето на младите.
„И по 21 година функционирање на ДУИ, се уште остануваат нерешени многу предизвици од пред многу години како искоренувањето на корупцијата и организираниот криминал, воведување механизми во врска со заминувањето на младите, современ економски систем кој ќе обезбеди гаранција за нови инвестиции“, вели Мухамед Амети.
Иако Огнената група доби покана да учествува на манифестацијата во Скопје, тие не отидоа бидејќи, според нив, тие се на потребното место за обележување на 21 годишнината на основањето на ДУИ.
