Ракетни експлозии го погодија Киев рано утрово, при што најмалку пет лица беа повредени, додека Украина се подготвува за нова рунда разговори со Русија и САД следната недела, јавува Асошиејтед прес.
Претставници на Русија, Украина и САД треба да се сретнат во вторник во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, на разговори чија цел е завршување на војната. Новата рунда преговори ќе биде четврта што ја посредува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, по последната средба во Женева во февруари.
Западните влади кои ја поддржуваат мировната иницијатива бараат нова формула за надминување на застојот во преговорите, признавајќи дека прашањата за територијата и безбедноста сè уште не се решени.
Руските ракети што ја погодија украинската престолнина во текот на ноќта оштетија станбени објекти и деловни простории, предизвикаа затворање на сообраќајот на еден од мостовите во Киев над реката Днепар и нови прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода, соопштија националните и градските власти.
„Како резултат на ноќниот непријателски напад, оштетени се енергетски објекти во Киевскиот и Житомирскиот регион“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
„Состојбата со снабдувањето на главниот град со енергија е исклучително тешка, што влијае врз системите за греење и водоснабдување во градот“, додаде тој.
Во меѓувреме, на југот на Украина продолжува операцијата за извлекување и пронаоѓање на настраданите во селото Комишуваха, кое беше разурнато во понеделникот, кога неколку руски наведувани бомби погодија поранешно училиште и засолниште во негова близина, додека жителите чекале хуманитарна помош.
Десетици лица сè уште се водат како исчезнати, откако во нападот загинале 55 луѓе. Две тела биле пронајдени рано во саботата.
Селото Комишуваха се наоѓа во близина на линијата на фронтот во Запорошкиот регион.
