Огнената група официјално стана фракција – Меџити: Османи не знае кого го консултирал во партијата за 20%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Незадоволните кај Интегративците и официјално се претставија пред јавноста како фракција на ДУИ. Тие зборуваа за разликите внатре во партијата, во која како што тврдат постојат двојни стандарди при дебатите и носењето одлуки, а органите на партијата не функционираат според статутот.

„За жал, 3 години по ред алармираме дека не се почитува статутот и програмата на ДУИ, што најдобро го докажува неформирањето на партиски тела за овие години. Како и да е, денес стоиме пред вас како фракција и ветуваме дека ќе бидеме неоспорен глас на потребите и барањата не само на нашиот електорат туку и на сите Албанци и во никој случај нема да го замолчиме овој глас и нашата посветеност“, вели Висар Ганиу.

Во врска со информациите дека на „Огнената група“ и се заканува исклучување од партиските органи од партискиот лидер Али Ахмети, Беџети рече дека нивниот избор во партиските функции е направен врз основа на партискиот статут, односно од Генералниот совет.

„Појдовната точка на незадоволството е токму од нас, во отсуство на почитување на статутот, а ако е тој пристапот, тоа е само манифестација на сила и не би било рационално во политичка смисла да се дојде до тоа, откако ќе се дебатира за  прашањето за  статутот, иако во крајна линија е нивно право што ќе прават и како ќе постапат. Од правен аспект, постојат органи на ДУИ, Надзорниот совет, кој мора да го надгледува секое постапување на партиските органи и да ги разгледува“, посочи Блерим Беџети.

Според Изет Меџити самиот Ахмети во минатото неколку пати побарал да се поделат како фракција, од таа причина додава дека сега не му е јасно зошто е против статутот формирањето фракција во партијата. Меџити истакна дека ќе се залагаат како фракција да се укинат 20% за албанскиот јазик од Уставот.

„Што се однесува до 20%, имаше јавна изјава на г. Ахмети дека кога ќе се отвори Уставот да се укине, бидејќи е понижувачки за Албанците. Не знам од која причина Бујар го консултираше пред неколку дена. Немаше дебата во централното претседателство, кога вели дека мора да дојде друг  момент, кога ќе се отвори уставот, но уставот не се отвора секој ден, бидејќи му требаат 80 пратеници. Цениме дека овој пат, освен што придонесуваме за  интеграцијата, воведувањето на Бугарите, треба да ја искористиме оваа можност да ја отстраниме неправдата кон Албанците“, вели Изет Меџити.

На прес конференција фракцијата на ДУИ изрази незадоволство од практичната примена на албанскиот јазик, бараат статусот на паднатите борци и инвалидите од војната на ОВК да се регулира со закон, дијаспората да има право да гласа по електронски пат, додека казината да се дислоцираат од населените места.