Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, заедно со неколкумина претставници од партијата, односно т.н. „огнена група“ и пратеникот Кастриот Реџепи, изразија незадоволство од работата на нивните сопартијци кои се именувани на владини позиции. Првин Меџити ги наброја ветените и нереализираните проекти на неговата партија. Потоа упати обвинувања до претставниците на ДУИ во извршна власт. Според него, одлуките во партијата ги носи вицепремиерот Артан Груби.
„Носењето одлуки стана ексклузивна привилегија на блискиот клан на Артан Груби. Ние го кренавме гласот за постапките на Артан Груби кои се косат со ставовите на мнозинството членови на ДУИ. Ова доведе до пад на поддршката од гласачите и предизвика поделби во партиските структури“, вели Изет Меџити.
Меџити, повикувајќи се на истражувањето на ИРИ, рече дека вицепремиерот Артан Груби и шефот на дипломатијата, Бујар Османи имаат најслаби резултати и дека за првпат албанската опозиција ја надминала Демократската унија за интеграција.
„Артан Груби и Бујар Османи имаат најслаб учинок и за првпат рејтингот на албанската опозиција го надминува рејтингот на ДУИ. Ова го гледаме како аларм за освестување и мобилизација во ДУИ“, додава Меџити.
Иако имаат бројни незадоволства, Меџити негира дека „огнената група“ може да функционира како фракција или да се одвои од ДУИ. Тој рече дека ова е внатрепартиско прашање и дека нема да бараат предвремени избори. Неговото барање е да се освежат кадрите на ДУИ кои се дел од извршната власт, бидејќи како што вели, не си ја вршат работата како што треба. Меѓу другото бара и мобилизација на членството на партијата за да се побара отчет од оние кои презеле одговорност во извршната власт.
Меџити вели дека излегол на оваа прес-конференција поради тоа што нивните барања не се земаат предвид во ДУИ.
