Огненовски: Дигиталниот сертификат значи замена за личниот потпис со дигитален

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Кога зборуваме за доверливи услуги и дигитални сертификати би рекол дека тие се едни од основите на дигитализацијата“.

Ова го изјави директорот за маркетинг на деловни корисници на Телеком, Никола Огненовски во емисијата „21TECH“ на ТВ21 со Јовица Пауноски, каде разговараа за дигиталната сертификација.

„Дигитализацијата е баш збор во сите сфери на нашето живеење и сите мора да се адаптираме на тие промени, и баш во таа линија можеби би почнал со цитатот од Чарлс Дарвин којшто дефинитивно се поклопува во денешната ситуација кога сите мораме да се адаптираме на дигиталната трансформација. Цитатот вели „Не е најјакиот, ниту пак најинтелигентниот тој кој преживува туку оној кој најдобро се адаптира на промените““, посочи Огненовски.

Тој вели дека токму дигиталната трансформација започнува со дигитална размена на електронски документи на кои мора да сме сигурни дека се подготвени и поднесени од потпишани и овластени лица.

„Дигиталната трансформација започнува со дигитална размена на електронски документи на кои мора да сме сигурни дека се подготвени и поднесени од потпишани и овластени лица. Токму тука е главната улога на дигиталните сертификати бидејќи токму тие го овозможуваат тоа или народски кажано дигиталните сертификати всушност значат замена за личниот потпис со дигитален за физичките лица, и замена на корпоративниот печат со електронскиот печат. Секако паралелно исполнувајќи ги сите сигурносни процедури и процедури за валидација“, објасни Огненовски.

Тој посочи дека многу компании, физички лица ги користат дигиталните сертификати, дигиталните потписи и печати со што си го олеснуваат нивното оперативно функционирање.