Огромна трагедија во фудбалот: Грчки репрезентативец пронајден мртов во својот дом во Атина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трагедија од невидени размери го потресе фудбалот низ светот за веста дека повремениот грчки репрезентативец Џорџ Балдок беше пронајден мртов во базенот во својата куќа во Глифада, во близината на Атина. Имаше 31 година. 

Фудбалерот кој беше дел од Панатинаикос, и пред неколку дена го играше дербито со Олимпијакос, е пронајден во бессознание, а информациите велат дека покрај базенот било пронајдено полупразно шише со водка. Полицијата допрва ќе треба да соопшти што ја предизвикало смртта.

Според грчките медиуми, неговата сопруга од Англија се обидела да стапи во контакт со него, но откако неколкупати не одговарал на повиците, таа го повикала сопственикот на куќата каде што престојувал Балдок, да види што се случува, и тој го пронашол безживотното тело. 

Балдок е роден во Англија, но неговото потекло е од Грција, со оглед дека неговата баба била Гркинка. Мина низ младите категории на МК Донс, а потоа играше во Нортемптон, Тамворд, Оксворд Јунајтед, а една сезона беше дел и од исландски ИБВ. 

Од 2017 до 2024 година е дел на Шефилд Јунајтед, за кого одигра преку 200 натпревари. На почетокот на оваа сезона се пресели во Панатинаикос. Почна да игра за репрезентацијата на Грција во 2022 година, и до смртта имаше 12 настапи. Не беше во комбинација за натпреварите од Лигата на Нации против Англија и против Република Ирска.