Огромна гужва пред салата „Борис Трајковски“ од рано изутрина. Стотици граѓани наредени во голема колона чекаат да ги подигнат ваучерите за инвертер климите, а на моменти има и нервозни реакции поради незадоволството од лошата организација за нивно доделување. Дел од нив се жалат дека чекаат 3 па и 4 часа и не знаат уште колку ќе треба да стојат додека успеат да влезат. На еден од нив му се слоши и се онесвести по што дојде и Брза помош. Велат дека претходно биле информирани дека ваучерите ќе се делат само денеска, a денеска ги известиле дека ќе можат и утре да ги подигнат од салата „Борис Трајковски“, додека од понеделник тоа ќе може да го сторат и во Министерството за енергетика.
„Три саати – четири чекаме. Ова е како лудница, без ред без ништо. Само за денеска кажаа и се собравме денеска, на еден му се слоши тука, дури Брза помош дојде да го дигне. И каков ред е? А подобро да направиле секој во своја општина да оди и да земе ваучер“.
„Па едно три саати чекаме уште колку ќе чекаме не знам. Сега не известија дека и утре продолжува“.
„Саат и пол време чекам, но брзо иде редот. Пред саат и пол време јавија дека и утре ќе има можност за чекање“.
Ваучерите граѓаните ќе мора да ги искористат до 30 ноември односно да ги купат инвертерите кај одредени фирми кои се на списокот на Министерството. Сепак во договорот што го потпишуваат не е предвидено тие да мора и да ги инсталираат што остава простор и за можни злоупотреби, односно некој од нив и да ја препродаде. Министерката за енергетика Сања Божиновска очекува граѓаните правилно да ги искористат.
„До 30 ноември е да се купат, колку што јас сум запознаена само да се купат, тоа мислам дека е во договор со фирмите како ќе стигнат, најбитно е да се платат и да се искористат. Јас се надевам дека ќе бидат искористени затоа што сакаме да помогнеме како Влада за инсталирање на инвертери. Доколку некој смета дека тоа не е доволно и прави нешто што е спротивно со законот тоа ќе биде санкционирано, меѓутоа ние се надеваме дека ова е за ранливи категории и за енергетска ефикасност. Да се надеваме дека ќе нема такви злоупотреби“, вели Сања Божиновска.
Граѓаните велат дека отсега ќе се греат со инвертер клими, бидејќи како што истакнаа цената на огревното дрво е многу поскапено.
„Скапи се исто, а струја а дрва, исто е, само ова е почисто нема ѓубре да носиш дома или да извадиш и да цепиш дрва. Инаку, исто ти се фаќа 6.000 тоа, 6.000 тоа“.
„Повеќе се исплаќа на струја сега отколку на дрва, скапи се дрвата, така што мислиме дека е добро да промениме на струја. Важно нема да чади нагоре“.
Вкупно се доделени 6.182 ваучери во вредност од 155 милиони денари, кои се доделуваат на 30 места низ цела Македонија.
