„Oх, колку ќе се изненадите со Универзална сала, ох колку ќе се изненадите…“
Ова пред само два месеца го изјави првиот човек на Град Скопје Петре Шилегов во дебатата со Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ во магазинот Клик Плус на ТВ21. И граѓаните навистина се изненадија, но непријатно. Лавина реакции во јавноста предизвика откако го објави конкурсот за идејно решение за местото кај Универзална сала каде се предвидува парк со мала летна сцена, во кои се бара од градот веднаш да се повлече. Градскиот татко ја објави ваквата одлука само еден ден по одбележувањето на 57-годишнината од земјотресот, што Универзална сала претставува и симбол на светската солидарност. Во трката за градоначалник Шилегов пред три години одржа митинг токму пред Универзална, ветувајќи дека ќе ја реновира.
„Новата градска администрација веднаш ќе ги откочи процесите за реновирање на Универзална сала“, истакна Петре Шилегов.
Од Асоцијацијата на Архитекти велат дека тие биле контактирани од Град Скопје уште во декември минатата година за мислење за организирање конкурс за изградба на објект од 36 илјади метри квадратни, што според нив е преобемен објект за тој простор и дека тој би можел да се изведе кај комплексот Борис Трајковски.
„Главната идеја на Асоцијација на архитекти на Македонија е овој објект да се заштити односно да се реставрира. Бидејќи во моментов имаме руина која што беше во лоша состојба пред да престане да работи не работи веќе 5 години. Од Град Скопје добивме одговор дека немаат средства за нов објект и за реставрација на постојниот така што јас би апелирал и до Владата на Република Северна Македонија да се заинтересира да изнајде средства и доколку нема средства, на јавноста да и каже дека нема средства и да престанат сите овие фами кои што овие неколку денови ги слушаме во јавноста“, вели Мартин Пановски.
Со реакција се јавија и од невладината „Сити Скоп“ од каде велат дека Универзална сала е дел од симболите на градот и бараат да се повлече оваа идеја.
„Хуманоста и солидарноста со која се изградил овој град се гледа и преку примерот на Универзална сала. Финансиски поддржана од 25 држави, проект и изградба од бугарска фирма. Универзална сала е историјата и идентитетот на градот. Апелираме до сите чинители на јавниот простор и до сите поддржувачи да се приклучат во намерата за зачувување на Универзална сала или најмалку да се приклучат кон бојкотирање на овој конкурс“, истакнаа од Сити Скоп.
Шилегов се правда дека овој проект не е конечен и дека е само отворање дебата за изнаоѓање решение. Универзална сала е пуштена во употреба во јануари 1966 со донации од многу земји, како симбол на солидарност по катастрофалниот земјотрес во Скопје 63-тата. Претходниот градоначалник Коце Трајановски излезе со проект за обновување на Универзална сала, но тој проект беше сосема поинаков од ликот на Универзална што беше неприфатливо во јавноста, а се бараше и нејзино преименување во сала „Тоше Проески“.
