Одложено е впишувањето на охридскиот регион како светско наследство во опасност. Ова е одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО кој се одржа во јужнокорејскиот град Бусан со што Македонија и Албанија добија дополнителни 5 години за спроведување на препораките за заштита на природното и културно наследство.
„Охридскиот регион во оваа фаза нема да биде ставен на листата на светско наследство во опасност и ќе го задржи статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО. Денешната одлука е значаен исчекор но не и крај на процесот. Заедно со Албанија треба да подготвиме временски ограничена рамка за спроведување на стратегискиот план до 2030-тата година. До 1 февруари 2027 година треба да биде доставен нов извештај за постигнатиот напредок“, порача Тимчо Муцунски.
Во однос на дивоградбите во Охрид каде вкупно има 4.847 нелегално изградени хотели и згради, Муцунски рече дека тие треба да се уриваат на соодветен и законски начин. Од страна на експертскиот тим на УНЕСКО се дадени заклучоци односно јасно утврдена рамка кои опфаќаат повеќе прашања и тоа урбанистичкото планирање, заштитата на животната средина, а во разговорите станало збор и за трасата на Коридорот 8 кај граничниот премин Ќафасан.
„Дел од тие одлуки се комплексни, за дел од прашањата многу директно разговаравме и со земјите членки кои што се членови на Комитетот и кај нив има разбирање дека статусот на УНЕСКО истовремено не треба да наштети на развојот на Охрид и на охридскиот регион. И тука зборувавме за прашања поврзани со клучни инфраструктурни проекти, дел од Коридорот 8 поминува во делот од тие реони“, вели Тимчо Муцунски.
Со реакција се јавија од СДСМ кои велат дека проблемите се исти со децении, како што се дивоградби, загадување, уништување на крајбрежјето и други неисполнети обврски и сметаат дека ниту во дадениот рок нема да се направи ништо за заштита на охридскиот регион.
„Знаејќи ги, после пет години повторно ќе биде виновен некој друг. Некој од пред 35 години. Секој е виновен, освен Мицкоски и тендер-коалицијата што ја сочинува оваа власт. Тие денес ја имаат целата моќ и ја носат целата одговорност, и на локално и на државно ниво. Ако во овие пет години не се направи она што мора, ќе биде доцна“, вели СДСМ.
Охридскиот регион кој е под заштита на УНЕРСКО, веќе неколку години се соочува со предупредувања поради непочитување на препораките за заштита на природното и културното наследство. Најголем проблем на што укажуваат и еколошките организации се проблемите со урбанизацијата, бесправното градење и заштитата на езерото од отпадот и отпадните води.
