Комитетот за светско наследство на УНЕСКО по бројните дебати, одлучи Охридскиот регион и Албанија да го зачуваат својот статус и во наредните две години. Одлуката предвидува исполнување на препораките дадени од УНЕСКО, со цел по истекот на овој период Охридскиот регион да ја избегне Листата на светски културни и природни наследства во опасност. Министерот за животна средина и просторно планирање, изрази благодарност за усвојување на предложениот амандман, кој предвидува дополнителен рок за завршување на започнатата работа и целосно спроведување на препораките.
-Задоволни сме што Охридското езеро и Охридскиот регион ќе добијат шанса да го одржат својот статус и што во дополнителниот рок кој беше даден ќе имаме време да ја комплетираме заштитата на ова исклучително природно, културно и светско наследство. Но, ова значи и дополнителна одговорност, па затоа сега е време навистина да работиме сите заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација. Затоа, ги повикувам сите партии, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации, да соработуваат и да придонесат за заштита на езерото и целиот регион-рече Нуредини.
Меѓутоа против оваа одлука се невладините организации. Од Охрид-СОС, велат дека комисијата ја повторува грешката од 2019 година и дека го остана Охрид на милост и немилост.
-Bо 2019 година со вашата одлука за Охридскиот Регион овозможивте дополнителни две години бетонирање на брегот на Охридско Езеро, дополнителни две години влевање гнасотии во неговите води и дополнителни две години трупање на отпадот во супстандардните депонии во неговиот слив. Исто така, прифативте дополнителни две години изговори, одложувања, лажирање, заблуди и кревки планови кои обезбедуваат доволно заштита само на експлоатацијата. Во 2021 г. со висока веројатност го овозможивте истото-велат од Организација Охрид-СОС.
Првиот човек на Охрид, Константин Георгиевски, вети дека ќе продолжи интензивно да работи за да ги исполни сите препораки дадени од УНЕСКО.
Од Македонија и Албанија се бара до 1 февруари 2023 до Центарот за културно наследство да достават заеднички извештај околу состојбата на регионот, како и извештај за постигнатиот напредок во насока на спроведување на забелешките. Пред неколку дена Еколошкото здружение на граѓани„Фронт 21/42“ испрати писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 организации од Македонија и 15 од Албанија, со апел за вклучување на Охридскиот регион во Листата на загрозено светско наследство.
