За 25 годишнината од Охридскиот договор со реакции и свои видувања се јавија државните функционери, но и партиите од албанскиот блок. Според претседателот на Собранието, овој договор останува важен столб на уставната архиктектура на нашата држава.
„Дваесет и пет години подоцна, неговата важност мора да се гледа подалеку од политичките разлики и секојдневните толкувања. Охридскиот договор останува важен столб на уставната и институционалната архитектура на нашата држава. Нашата одговорност денес е да се надоврземе на неговите поуки и да ги преточиме во одржливи стандарди на демократијата и соживотот“, вели Африм Гаши.
Според премиерот Мицкоски, на овој документ треба да се гледа со зрелост, со почит кон различните ставови што постојат во општеството и со одговорност кон иднината.
„Свесни сме дека Рамковниот договор различно се доживува и толкува меѓу граѓаните. Историјата не треба да ја приспособуваме на дневната политика, ниту да очекуваме сите да имаат ист однос кон настаните од минатото. Но, наша обврска е од минатото да извлекуваме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите“, рече Христијан Мицкоски.
Од, ДУИ велат Охридскиот рамковен договор не беше само темел на мирот и внатрешната еднаквост, туку и основен предуслов за остварување на стратешките определби на Северна Македонија, пред се членството во НАТО и ЕУ. Додаваат дека патот кон Брисел минува преку Охрид, бидејќи не може да има европска иднина без еднаквост, функционална демократија, стабилни меѓуетнички односи и почитување на договорите врз кои е изграден стабилитетот на земјата.
„Но, токму на неговата 25-годишнина, наместо овие принципи дополнително да се консолидираат, се соочуваме со загрижувачки процес на нивно укинување, еден по еден. Од една страна, Уставниот суд, кој сè повеќе се претвора во параполитичка институција, преку своите неуставни одлуки ги урива важните столбови на поредокот воспоставен по 2001 година. Од друга страна, она што сè уште не е укинато и продолжува да биде во сила, се игнорира или не се спроведува од страна на институциите“, вели ДУИ.
На сопштението на ДУИ, со реакција се јавија од владејачката ВЛЕН. Од таму потенцираат дека и оваа година на прославата ги собрале, како што велат „фотелјашите“ на партијата, чии кариери се изградени во името на Охридскиот договор и грбот на Албанците.
„Охридскиот договор не е приватна сопственост на ДУИ. Тој е резултат на жртвата на една цела генерација. Но она што започна како чин на национална совест, ДУИ го обезвредни, претворајќи го во банкомат за лично богатење. Охридскиот договор им припаѓа на Албанците. Тој не е тапија на Али Ахмети, ниту семејно наследство на „фотелјашите“ на ДУИ“, велат од Влен.
Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче Охридскиот рамковен договор е потсетник дека мирот, дијалогот и компромисот се секогаш посилни од конфликтот, поделбите и омразата.
Како што вели тој, по 25 години, сите имаме должност да ја градиме иднината на Македонија низ соживот, еднаквост и меѓусебно почитување – а не со поделби, навреди и омраза.
